Македонија | недела, 30 септември 2012 | 00:56 | 0
  • A A A
  • Оглас за социјални станови во Битола и Берово

    Следете не на:

    socijalni stanovi

    Министерството за транспорт и врски в понеделник ќе објави оглас за распределување на 129 социјални станови, од кои 78 во Битола и 51 социјален стан во Берово.

    Социјалните станови се наменети за решавање на станбеното прашање на лица кои спаѓаат во една од социјалните категории: деца без родители или родителска грижа кои имаат над 18 години, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица или лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице, самохрани родители со малолетни деца, припадници на Ромската заедница социјално загрозени…

    Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес – конференција потенцира дека становите ќе се распределуваат согласно методологијата за бодирање на кандидатите за добивање социјален стан под закуп, а ќе се земе предвид и бројот на членови во заедничкото домаќинство, вкупниот расположив прилив на средства по член да не изнесува повеќе од 50 евра во денарска против вредност, старосната структура и трајниот инвалидитет.

    - Овие станови Министерството ги распределува јавно по електронски пат, а подносителот на барањето за добивање социјален стан под закуп може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови, нагласи Јанакиески. Тој укажа оти доколку лицето или некој од членовите  на неговото заедничко домаќинство аплицира повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.

    Крајниот рок за аплицирање во меѓуопштинските центри за социјална работа во Битола и во Берово, е 1-ви ноември 2012 година.

    - Владата континуирано го реализира проектот за домување на социјално ранливите групи во рамки на кој е предвидена изградба на 35 објекти во 26 града на територијата на Република Македонија. Во периодот од 2007 до 2011 година  изградени се 9 објекти со 430 станови и тоа 29 во Македонска Каменица, 102 во два објекти во Скопје, 71 во Охрид, 32 во Кичево, 29 во Кочани, 30 во Кавадарци и 46 во Крива Паланка, потсети министерот Јанакиески, додавајќи оти само во 2012 и 2011 година се склучени договори за закуп и вселени се 293 станови наменети за социјално ранливи групи.

    Вредноста на договорот за изградба на објектите во Битола и во Берово, информира на прес – конференцијата директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, е 70 милиони 112 илјади и 427 денари, а зградите се изградени по сите стандарди.

    - Постојат и рампи за инвалидизираните или хендикепираните лица за кои треба да им се обезбеди нормален пристап. Бидејќи станува збор за социјано ранливите категории на лица, сите станови се со квадратура од 35 до 35 метри квадратни, појасни Грозданов.

    Нема коментари.

    Коментирај